Советот на Град Скопје до крајот на годината треба да донесе одлука за бесплатен јавен превоз и за скалесто зголемување на цената за паркирање во деновите кога е екстремно загаден воздухот во Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов рече дека за оваа мерка, која ја најавил како една од многуте за решавање на аерозагадувањето во градот, треба одлука да донесе градскиот Совет.
„Оваа одлука треба да биде донесена до крајот на годината и тогаш ќе може да ја применуваме. Државниот инспекторат за животна средина на иницијатива на Градот направи контрола на работата на депонијата Дрисла и донесе одлука со која се забранува работа на печката за согорување на медицински отпад во деновите кога мерната станица во Лисиче покажува загадување поголемо од дозволеното. Загадувањето на воздухот во Скопје не може да се реши со дневни мерки, туку со долгорочни мерки, кои постепено ќе се воведуваат“, рече Шилегов.
Тој кажа дека и градските еколошки инспектори деновиве вршеле контрола на работата на компаниите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола за работа и дека се казнети оние кај кои е утврдено прекршување на одердбите од оперативниот план за работа. Шилегов најави дека утре ќе ги соопшти резултатите од овие контроли.
Според мерните станици на Министерството за животна средина воздухот во Скопје и денес беше повеќекратно загаден со ПМ10 честички, односно до 15 часот во воздухот беа измерени концентрации на ПМ10 честички од 240 до 300 микрограми на кубен метар, а максимално дозволените концентрации се 50 микрограми на кубен метар.
Е. БОЧВАРОСКА