45 УЧЕНИЦИ УЧАТ СО ПРАКСА, А ВРАБОТУВАЊЕТО ИМ Е ГАРАНТИРАНО СО ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ВО КАВАДАРЦИ

    45 УЧЕНИЦИ УЧАТ СО ПРАКСА, А ВРАБОТУВАЊЕТО ИМ Е ГАРАНТИРАНО СО ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ВО КАВАДАРЦИУчениците од електро-машинското училиште „Киро Спанџов-Брко” во Кавадарци се обучуваат во специјализирани работилници со современа опрема во германската фабрика „Дрекслмаер” (Фото: СДК.МК)

    Четириесет и пет ученици од електрoтехничката струка, образовен профил компјутерска техника и автоматика од електро-машинското училиште „Киро Спанџов-Брко” во Кавадарци, машки и женски, се обучуваат во специјализирани работилници со современа опрема во германската фабрика „Дрекслмаер”. Учат со пракса во дуално образование, а вработувањето им е гарантирано.

    Викторија Панова, ученичка во втора година, е еден од учениците кои посетуваат ваква обука, и во иднина се гледа себеси како програмер (Фото: СДК.МК)

    Викторија Панова, ученичка во втора година, е еден од учениците кои посетуваат ваква обука, и во иднина се гледа себеси како програмер.

    „Условите за обука се извонредни. Секој од нас има свое место и опрема, ментор. Учиме и работиме, изготвуваме и план и извештај за работа. Не е тешко“, вели Панова.

    Директорот на училиштето Иван Иванов вели дека ова уште не значи вистинско дуално образование како во некои европски земји, во кои практичната настава зазема половина или три четвртини од наставата, но е сериозен обид да се имплементира моделот на учење преку обука. Дали сегашната практична настава од пет часа седмично ќе се зголеми, зависи од тоа дали ќе има измени во законските одредби кои ја регулираат оваа проблематика.

    Директорот Иван Иванов вели дека расте интересот на младите за школување во ова училиште а 20-30 проценти од учениците се девојчиња (Фото: СДК.МК)

    „Ова е втора година како  се спроведува овој проект. Компанијата преку тестирање и интервју избира ученици кои ќе посетуваат пракса од втора до четврта година. Имаат бесплатен превоз и храна, како и месечен џепарлак. По обуката, добиваат сертификат и  вработување. Но, учениците во секој момент можат да се откажат од обуката или вработувањето, што значи дека тие не се обврзани на ништо. Сево ова е регулирано со договорите кои се потпишуваат помеѓу фирмата и училиштето и со учениците и нивните родители”, вели Иванов.

    Тој вели дека компанијата помислила и на учениците кои не биле одбрани за обука, па за нив реновира две работилници во училиштето и во нив ќе обезбеди опрема за обука. Иванов вели дека расте интересот на младите за школување во ова училиште. И ако порано на прсти се броеле ученички во класовите, сега 20-30 проценти од учениците се девојчиња.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира