Владата на денешната седница утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција со кој што се ограничува употребата на средства за присилба од страна на полициските службеници, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста. Станува збор за употреба на физичка сила, полициска палка, електричен парализатор, хемиски средства, гумен пиштол, службени кучиња, специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.
Според анализите на Владата, потребно е додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми, а има и недоречености кои се однесуваат на дискреционото право на полициските службеници при примената на средствата за присилба и недостигот на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на средствата за присилба.
На седницата, Владата ја усвои одлуката со која автомобилот мерцедес, кој беше во сопственост на МВР, му се дава на трајно користење без надоместок на Службата за општи и заеднички работи при Владата, со што се создава можноста ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема.