Собранието по третото гласање со 61 глас „за“ и еден воздржан го избра Љубомир Јовевски за нов Јавен обвинител.
Претходно, Собранието двапати неуспешно гласаше за изборот на нов Јавен обвинител, но не успеа да го избере Љубомир Јовевски поради недоволен број гласови.
При првото гласање, „за“ беа 59 пратеници, а еден беше „воздржан“. Во повторниот обид, имаше 60 гласа „за“, но пак недоволно, бидејќи потребни се 61 глас „за“. По второто гласање, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза за да можат координаторите на пратеничките групи на обезбедат кворум.
По паузата во Собранието се појави пратеничката на ДУИ Шпреса Хадри, со што се обезбеди кворум за да се гласа за изборот на Јовевски.
Владата на седницата на 7 ноември донесе заклучок до Собранието да го достави предлогот за Јавен обвинител да го именува Љубомир Јовески, откако доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, чиј член е предложениот кандидат. Претходниот Јавен обвинител Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август.
Собраниската расправа за владиниот предлог за нов Јавен обвинител заврши на 15 декември, а денеска е само гласањето на дневен ред. Опозицијата не присуствува на гласањето.
Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 14 часот и 45 минути. По паузата на новата седница треба да се стави на дневен ред предлогот за министер за здравство и за министер без ресор до Собранието. За министер за здравство, предложен е неврохирургот Венко Филипче од СДСМ, а за министер без ресор Ахел Ахмедовски, од ромската партија ПЦЕР. За заменик министер за образование предложен е Арб’р Адеми од ДУИ.
Г. ТРПЕНОСКИ