Пешачките патеки на скопскиот Јужен булевар се претворени во паркинг. Од двете страни вдолж булеварот во текот на целиот ден стојат паркирани возила. Пешаците, велосипедистите и лица со инвалидски колички се движат во сообраќајницата низ коли и камиони.
Граѓаните за да не плаќаат паркинг се паркираат на пешаките патеки кои се слободни, бидејќи Градот нема поставено заштитни столпчиња. Ниту пајакот го нема да ги казни непрописно паркираните возила.
„Низ булеварот се вози со голема брзина бидејќи нема семафори. Освен што се блокирани тротоарите и на сообраќајницата стојат паркирани камиони кои продаваат стока. Нема место за пешаци, а камоли за велосипедски патеки“, пишуваат граѓани на социјалните мрежи.
Од Град Скопје велат дека се запознаени со овој проблем и дека работат на негово решавање.
„Не само на Јужен булевар туку и на други локации низ градот ќе се поставуваат заштитни столпчиња за да се спречи паркирањето на возила и узурпирањето на тротоарите. Град Скопје има предвидено три пати повеќе пари во буџетот за наредната година за реализирање на овој проект. Веќе поставивме столпчиња пред Министерството за правда, каде исто така имаше проблем со паркирање на возила, а пешаците немаа каде да се движат“, вели Ваљон Салиу, портпарол на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА