ЗАБРАНАТА ЗА ДОТУР НА СТОКА ЌЕ ВАЖИ САМО ЗА УЛИЦИ И ТРОТОАРИ, ВОЗИЛАТА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ДВИЖАТ НИЗ ЦЕНТАР И ДА СТОЈАТ НА ПАРКИНЗИ

    ЗАБРАНАТА ЗА ДОТУР НА СТОКА ЌЕ ВАЖИ САМО ЗА УЛИЦИ И ТРОТОАРИ, ВОЗИЛАТА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ДВИЖАТ НИЗ ЦЕНТАР И ДА СТОЈАТ НА ПАРКИНЗИДистибутерите ќе можат да се паркираат на јавните паркиралишта и од таму да ја доставуваат стоката. (Фото: М. Златевска)

    Возилата за дотур на стока ќе можат да се движат низ центарот да градот, да се паркираат на паркинзи, но нема да смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и тротоари.

    Забраната за дотур на стока ќе стартува од први јануари и ќе важи до 31 март од 7.30 до 18 часот. Оваа одлука е како една од мерките на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот.

    „Одлуката се однесува за запирање за доставување стока во наведениот период, а не се однесува на движењето на возилата што ја доставуваат. Оваа забрана не се однесува за фирми кои имаат обезбеден простор за дотур на стока, туку на возилата кои застануваат на тротоари и улици и притоа ги оставаат запалени возилата. Значи дистрибутерите ќе можат да се паркираат на јавните паркиралишта и од таму да ја доставуваат стоката“, рече портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.

    Од Градот велат дека веќе оствариле средби со фирмите со цел да се надминат недоразбирањата за спроведување на мерката.

    „Свесни сме за непопуларноста на оваа мерка меѓу доставувачите на стока. Бараме начин како да ги ублажиме евентуалните негативни последици од нејзината примена. Во истовреме, апелираме за разбирање од фирмите што имаат потреба од зачестена достава на стока и ги замолуваме да најдат начин да ја почитуваат забраната“, додава Салиху.

    Забраната за дотур на стока ќе важи за центарот на градот односно за потегот од Рузвелтова до железничката станица, од Илинденска до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ односно од булеварот Теодосиј Гологанов до Јужен булевар.

    Дистрибутерите кои нема да ја почитуваат забраната ќе бидат казнети со 45 евра или 150 евра. Ако комбињата истовараат роба на улица казната ќе биде 45 евра а ако се паркирани на тротоар со 150 евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира