Навалица на грчки државјани од пограничните села и градови се случува претпразнично во Битола. Вчера, ден пред дочекот на Нова година, битолски Широк сокак и чаршијата вриеја од купувачи од Грција. Тие навалија по бутиците, големите маркети, фризерниците, па и по аптеките.
,,Грците ја кренаа Битола. Тоа е битолски израз кога некој ќе купи многу работи, па на тезгата или во дуќанот не ќе остане ништо. Ќе слават кај нив, но ќе се дотераат тука зашто облека им е поевтина”, вели Маја Јовановска, сопственик на бутик во Битола.
И фризерниците имаа полни раце работа. Тука посетителите од Грција можат да си ја средат косата три пати поевтино од кај нив. Покрај гардеробата и фризурата, навратија и во аптеките да купат аналгин, кафетин, лекови за покачен крвен притисок и друго во случај на зол час за празниците.
Порано, грчките државјани беа редовни купувачи на зарзават во битолскиот пазар. Но, од пред неколку години на граничниот премин од грчка страна не им дозволуваат да пренесат поголема количина свежа храна, па сега најчесто купуваат текстил.
На заминување од Битола ги полнат резервоарите со гориво зашто е поевтино од Грција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА