УЈП ЌЕ ИСПРАТИ ИНСПЕКЦИИ КАЈ КАФАНЏИИТЕ ШТО ПРИКАЖАЛЕ НЕРЕАЛНО МАЛ ПРОМЕТ

    УЈП ЌЕ ИСПРАТИ ИНСПЕКЦИИ КАЈ КАФАНЏИИТЕ ШТО ПРИКАЖАЛЕ НЕРЕАЛНО МАЛ ПРОМЕТПодатоците од ГПРС системот на УЈП покажале нереално мал промет во угостителски објекти во периодот на предновогодишни забави- Директорката на УЈП Сања Лукаревска на прославата на 4 јули во амбасадата на САД. (Фото: СДК.МК)

    Управата за јавни приходи ќе врши контрола низ сите кафулиња и кафеани кои во текот на деновите со новогодишни прослави пријавиле мал промет.

    Од УЈП за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека констатирале нереални состојби на готовинскиот промет во угостителски објекти и во наредниот период ќе пратат инспекции во контрола.

    „Од извршениот мониторинг и анализи на податоците од ГПРС системот на Управата за јавни приходи, евидентирани се нереални состојби на готовинскиот промет кај одредени објекти, особено имајќи предвид дека во периодот на новогодишните празници е зголемена потрошувачката кај определени дејности. Оттука, Управата за јавни приходи кај сите овие објекти ќе изврши и контроли на терен“, велат од Управата за јавни приходи.

    Во деновите на празнична новогодишна еуфорија голем број од кафулињата и кафеаните низ Скопје не само што не издаваа фискални сметки, туку ретко каде се почитуваше законот за забрана на пушењето. Освен во најлонските тераси каде пушењето е дозволено, се пушеше и во затворените објекти на кафулињата, рестораните и дискотеките. Пазарниот инспекторат уште нема директор, а вработените два месеци немаат земено плата и нема кој да спроведе акција за контрола на објектите.

    Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека во деновите пред новогодишните празници инспектори имало на терен но нивната улога била превентивна односно им посочувале на угостителите дека законите мора да се почитуваат.

    „Имаше превентивни контроли. На угостителите им беше посочено дека мора да се почитува законот за забрана на пушење односно во кои делови смее а во кои не смее да се пуши. Исто така беше посочувано дека мораат да се издаваат фискални сметки. Во неколку наврати имаше и казни. Ние како Влада работиме на измена на законот кој се однесува на пломбирање на објектите, односно ќе се изрекуваат само казни доколку законите не се почитуваат како што е законот за забрана на пушење“, рече Заев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира