Американскиот претседател Доналд Трамп и сопругата Меланија имаат посебни спални соби и тој се заклучува во својата соба да јаде чизбургери додека гледа телевизија на три екрани, се открива во новата книга на новинарот Мајкл Волф „Оган и бес: Во Белата куќа на Трамп“, базирана на сведоштва на вработени во Белата куќа и негови блиски соработници, вклучувајќи го и неговиот поранешниот главен стратег Стив Бенон.
Во книгата на Волф се наведува дека 71-годишниот Доналд и поранешната манекенка Меланија (47) се првата двојка во Белата куќа со одделни спални по Џон и Џеки Кенеди. Волф, исто така, вели Трамп побарал клуч од својата спална за да се заклучува додека јаде чизбургери со вклучени три телевизори истовремено.
Вчера, Трамп реагираше откако во книгата на Волф беше цитиран Бенон, кој притоа го опиша состанокот на синот на Трамп со една група Руси како „предавнички“. На состанокот во 2016 година, Русите му понудиле на Доналд Трамп Џуниор информации кои ќе ѝ наштетат на Хилари Клинтон.
„Стив Бенон немаше ништо ни со мене, ни со мојата претседателска функција. Тој имаше многу малку врска со нашата историска победа. Кога Бенон беше отпуштен, тој не само што ја загуби работата, туку и полуде. Стив дали имаше еден состанок со мене, а се претвораше дека е влијателен, доведувајќи во заблуда само неколку луѓе, на кои им помогна да напишат лажни книги“, изјави преку соопштение Трамп, кој обично се изразува преку твитови.
Бенон, поранешниот главен стратег на Трамп, се сметаше за клучен човек во неговата кампања за влез во Белата куќа, но ја напушти функцијата во август по доаѓањето на генералот Џон Кели за шеф на персоналот во Белата куќа.
Книгата на Волф треба да излезе на 9 јануари, но „Гардијан“ и „Њујорк Тајмс“ дојдоа до примероци пред официјално да биде пуштена во продажба.