Доналд Трамп го засили нападот врз книгата која го прикажува како „непредвидлив претседател, без капацитет за владеење“, при што неговиот адвокатски тим побара од авторот и издавачот да го откаже издавањето и да се извини, инаку, ќе се соочи со тужба.
Во писмо на 11 страници, адвокатот на Трамп вели дека книгата на новинарот Мајкл Волф, „Оган и гнев: во Белата куќа на Трамп“, дава „лажни тврдења за господинот Трамп кои се граничат со клевета“, што би можело да резултира со значителни финансиски и казнени санкции.
„Господинот Трамп бара од вас веднаш да прекинете и да се откажете од секакво натамошно објавување и издавање на книгата, делови или на цитати од неа. Исто така, од вас се бара целосно да му се извините на мојот клиент за изјавите за него во книгата, кои не се поддржани од ниту еден доказ“, се вели во писмото.
Оваа книга треба да биде објавена наредната недела, а делот што го налути Трамп се однесува на изјавата на неговиот поранешен главен советник и стратег Стив Банон дека Доналд Трамп Џуниор имал „предавничка и непатриотска“ средба со група Руси за време на кампањата во 2016 година и дека Иванка Трамп е „глупа како тула“.
Трамп на ова возврати дека Банон полудел откако ја загубил работата и дека тој нема никаква врска со неговиот претседателски мандат.