Клиниката за гинекологија и акушерство ќе обезбеди просторија за специјализантите што работат во оваа јавна здравствена установа, за да можат по долгите дежурства да одморат. Д-р Викторија Јовановска, директорка на ГАК, вели дека одредиле просторија на првиот кат од Клиниката, која деновиве ќе ја молерисаат, а потоа ќе ја опремат и со потребниот мебел.
Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти пред околу една недела излезе со повик до компанииите и поединците да донираат мебел и ИТ опрема, за да можат да го уредат просторот во кој ќе можат да одморат 40 специјализанти на оваа Клиника, кои дежураат по четворица во една смена.
„Повикот за донација го повлекоа, бидејќи нема потреба од такво нешто. Клиниката ќе им обезбеди простор, бидјќи се случува и по 30 саати да се на работа. Обично по 24 часовно дежурство може да се случи наредниот ден да имаат операција и да мора да чекаат да почне и не заминуваат туку остануваат на Клиниката. Мора да има место каде ќе можат да ги оптегнат нозете“, вели д-р Јовановска.
Таа вели дека со години наназад условите за работа на специјализантите на Гинекологија се лоши и дека освен шкафчињата во кои ја оставаат цивилната облека, нема каде да седнат.
„Мора да направиме услови и за специјализантите, оти без нив не може да работиме“, вели д-р Јовановска.
Е. БОЧВАРОСКА