Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски пред малку соопшти дека сите ставови што ги кажа на прес-конференцијата на 4.01.2018 година, а кои не се однесуваат на работата на Советот, се негов личен став.
Ова уследи по денешниот претпладневен состанок на членовите на Судскиот совет на кој дел од нив жестоко се расправале за наводите на тој прес. Тогаш тој кажа дека Судскиот совет во меѓународните извештаи бил критикуван пред неговото доаѓање за член во 2014 година, а не и откако тој е таму, што не е точно, потоа рече дека било законски и во ред што претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски за еден месец 11 пати го смени распоредот за работа на врховните судии.
Но, тој излезе од ингеренциите и го критикуваше и изборот на новиот Јавен обвинител на Македонија Љубомир Јовевски. Караџовски ги поздрави јавно изнесените критики од страна на скопски адвокат, кој рече дека изборот бил незаконски со кршење на процедурата во Собранието. Тој го коментираше и СЈО и оцени дека 2019 година за инкорпорирање на ова обвинителство во редовното е многу доцна и дека тоа треба да се случи што поскоро.
С. К. ДЕЛЕВСКА