КУМАНОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ 18 ГОДИНИ НЕ ДОБИЛЕ НОВА ЗАШТИТНА ОПРЕМА

    КУМАНОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ 18 ГОДИНИ НЕ ДОБИЛЕ НОВА ЗАШТИТНА ОПРЕМАПожарникарите велат дека старата опрема е речиси неупотреблива и небезбедна, но немаат избор (Фото: С. Николиќ)

    Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Куманово 18 години не добиле лична заштитна опрема, а четири години работна униформа.

    Според правилникот за работа, пожарникарите треба да добиваат нова работна униформа на секои 12 до 18 месеци, а заштитна опрема на пет години. Во лична заштитна опрема спаѓаат шлем, заштитно одело, заштитна маска, гумени чизми, заштитни ракавици и друго. Се изработува од специјален материјал, кој е отпорен на атмосферски влијанија, киселини, лужини, топлина и на механички оштетувања, а е погодна за носење и работа во услови на пожар, во летен и зимски период.

    Лична заштитна опрема за кумановските пожарникари последен пат била набавена во 2000 година.

    Кумановската противпожарна единица годишно има околу 500 интервенции и покрива три општини (Фото: С. Николиќ)

    Пожарникарите велат дека старата опрема е речиси неупотреблива и небезбедна, но немаат избор. Оние кои се вработени по 2000 година воопшто и немаат задолжено опрема, туку постоечката ја комбинираат за да ја користат сите вработени.

    Општина Куманово до крајот на месецот ќе набави нова работна униформа за пожарникарите. Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека тендерската постапка е во тек, а ќе се финансира од средства на Општината.

    „На почетокот на годината ќе набавиме униформи, а потоа ќе продолжиме технички да се доопремуваме, согласно барањата на пожарникарите“, изјави Димитриевски.

    Во кумановската противпожарна единица се вработени 49 пожарникари. Една од 14-те републички единици ги покрива општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, а по потреба и околните општини од Североисточниот регион. Опфаќа голема територијална површнина со над 150.000 жители и годишно интервенира на околу 500 пожари.

    С. НИКОЛИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира