ХАОСОТ СО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА СЕ ПРЕФРЛИ ОД СРЕДНО ВОДНО ВО НЕРЕЗИ, ОД ГРАД СКОПЈЕ НАЈАВУВААТ ИЗМЕНИ НА ОДЛУКАТА

    ХАОСОТ СО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА СЕ ПРЕФРЛИ ОД СРЕДНО ВОДНО ВО НЕРЕЗИ, ОД ГРАД СКОПЈЕ НАЈАВУВААТ ИЗМЕНИ НА ОДЛУКАТАЖителите на Долно и Горно Нерези велат дека сега сите коли и цело загадување сега е на другата страна, патот кој води до манастирот секој викенд е блокиран и небезбеден и бараат од Град Скопје сообраќајот да се контролира од двете страни а не само во делот кон Средно Водно.(Фото: Фејсбук)

    Хаосот со паркирани коли од Средно Водно се префрли во Нерези. Откако пред два месеци Град Скопје ја воведе забраната за движење на возила до Средно Водно, сега паркингот кај манастирот Свети Пантелејмон и патот кај Горно Нерези е блокиран од возила.

    Жителите на Долно, Средно и Горно Нерези велат дека сите коли и цело загадување сега е на другата страна, патот кој води до манастирот секој викенд е блокиран и небезбеден и бараат од Град Скопје сообраќајот да се контролира од двете страни а не само во делот кон Средно Водно.

    „Убаво е што нема коли на една страна, но сега сите коли и цело загадување само се префрли 5 километри понатаму, во Горно Нерези. Освен што паркингот кај манастирот е блокиран од возилата и затрупан во ѓубре, загрозена е безбедноста на жителите. Патот кон Горно Нерези е со ограничена широчина, со несоодветна сигнализација и со сообраќајно решение кои не е за поинтензивен сообраќај. Очекуваме дека сообраќајот ќе биде подеднакво смален и контролиран од двете страни. Од оваа страна веќе има автобуска линија која може да ја користат граѓаните кои сакаат да стигнат на Водно од оваа страна“, стои во писмото на жителите на Нерези испратено до градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

    Жителите на Нерези најавуваат дека доколку не се најде решение за овој проблем ќе излезат на протести со блокирање на патот.

    Покрај жителите на Нерези барање за промена на режимот за сообраќај на Водно испратиле и угостителите на објектите кои се наоѓаат на Средно Водно бидејќи откако била воведена забраната немале гости.

    Од Град Скопје велат дека се запознаени со барањата на жителите на Нерези и на угостителите, работат на изнаоѓање решение за овој проблем и можна е корекција на одлуката за забрана за движење на возила на Водно.

    „Мерката за воведување на забрана за движење на возила на Водно за време на викендите и државните празници Град Скопје ја воведе со цел заштита на парк шумата Водно и намалување на загадувањето. Знаеме дека сега голем број граѓани се паркираат кај манастирот Свети Пантелејмон, па хаосот се пренесе од таа страна. Исто така и покрај забраната за движење до Средно Водно, има граѓани кои не ја почитуваат и свесно ја кршат забраната. Мерка која ја воведовме е жива материја, ја преиспитуваме, размислуваме за нови решенија и можно е да дојде до нејзина корекција“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

    Град Скопје забраната за движење на возила до Средно Водно ја воведе на 25 ноември. За време на викендите и државните празници забрането е движењето на коли од патот кој води кон Сончев Град до Средно Водно, а од другата страна забраната е после манастирот Свети Пантелејмон. Град Скопје покрај постојната линија која вози до Средно Водно пушти две дополнителни линии кои бесплатно возат до Водно, а исто така бесплатно е и паркирањето на паркингот кај Цветен пазар и во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, од каде тргнуваат автобусите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира