КАНДИДАТИТЕ ЗА СУДИИ ЌЕ ПОЛАГААТ ИСПИТ СО ПОЗНАТИ ПРАШАЊА, РАШКОВСКИ ЌЕ КАЗНУВА

    КАНДИДАТИТЕ ЗА СУДИИ ЌЕ ПОЛАГААТ ИСПИТ СО ПОЗНАТИ ПРАШАЊА, РАШКОВСКИ ЌЕ КАЗНУВАВладата најавува кривична одговорност за авторитети од Академијата за судии и обвинители и за членовите на Управниот одбор, ако се објават тајните прашања за тестот на нејзината веб-страна. - Заменик-претседателката на Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители Јелица Крстевска

    Академијата за судии и обвинители со циркуларен мејл испратен до сите 20-тина предавачи (судии, обвинители, професори, експерти од МВР) ги тера да откријат прашањата што ги спремиле за полагањето на шестата генерација слушатели на академијата. Се работи за 37 кандидати, кои треба да го положат овој теоретски дел, за да може натаму да продолжат во следењето на наставата како практичен дел.

    Од предавачите се бара прашањата, кои се тајни и кои досега предавачите ги внесуваа со специјална лозинка што ја добиваа од Владата, сега да ги испратат во Академијата во ворд, за таа да ги објави јавно.

    „Прашањата ги внесувавме со лозинки, за да не бидат пробиени, со цел слушателите на за судии и обвинители да учат и да дадат максимум од себе. Да положат квалитетните кадри и потоа да бидат избрани за судии или обвинители. Ова е преседан. Јас не и ги давам моите прашања на Академијата“, револтиран е еден од предавачите.

    Дел од предавачите на Академијата мејловите ги препратија до САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Ова барање уследи веднаш по вчерашната седница на Управниот одбор на Академијата во која се по функција претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, но и претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев и новиот Државен јавен обвинител Љубомир Јовевски, како и уште дваесетина членови од правосудството. Мнозинството во Управниот одбор изгласало дека треба да се тргне тајноста на прашањата и тие да бидат објавени на веб страната на Академијата, за подобро да се спремеле за испитот од теоретскиот дел. Прашањата да се објават без одговори, слушателите да ги нашле сами, гласела одлуката.

    Владата најавува кривична одговорност за авторитети од Академијата за судии и обвинители и за членовите на Управниот одбор, ако се објават тајните прашања за тестот на нејзината веб-страна.

    „Две предупредувања испративме до Академијата. Испративме и забрана за јавно објавување на прашањата за тестот. Тие што ќе го сторат тоа, кривично ќе одговараат. Нема врска што Управниот одбор е колективно тело, ќе има поединечна одговорност“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

    Зошто се прави овој преседан и се бара прашањата што ги верификувал програмскиот совет на Академијата, предавачите да не ги внесуваат со тајна лозинка во системот, ја прашавме заменик-претседателката на Управниот одбор на Академијата Јелица Крстевска.

    „А зошто мене ми се јавувате? Не ви давам изјави“, ни рече Крстевска, која е врховен судија и член на Судскиот совет, по што ја прекина телефонската врска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира