Со блокада на багерите и камионите за ископ на јаглен и јаловина што се во сопственост на фирмата „Трансмет“, неколку десетици работници од оваа компанија четврти ден штрајкуваат во рудникот „Брод Гнеотино“ при РЕК „Битола“ барајќи „Трансмет“ им ги плати заостанатите две до три плати.
„Вработен сум во ’Трансмет‘ од ноември и не знам ни дали сум осигуран, ни дали придонеси се платени. За последните пари што ни ги дадоа од фирмата ни рекоа дека е плата, а од банка дека е теренски додаток. За оние кои имаа плус саати одработени им даваат плик на рака. Ги повикуваме институциите да испитаат како се работи и да преземат мерки, да го заштитат работникот еднаш барем“, рече работникот Љубе Талевски.
Работниците велат дека не го блокираат РЕК, туку само механизацијата на фирмата, иако во овој рудник нема друга фирма што работи на ископ. Запрашани зошто одлучиле револтот да го изразат во РЕК, а не пред седиштето на фирмата велат дека ова е најболното место за „Трансмет“ зашто од тука зема пари за склучениот тендер.
„Тука е идеалното место за да се изрази револт. Тука најмногу ги боли. Овде им се парите. Моментално се блокирани багерите на ’Трансмет‘ за ископ на јаловина и јаглен. Нема да има ископ додека не ни префрлат плати“, рече Иванчо Здравевски.
Додека дел од работниците протестираа, комбе и автобус со патници на кои пишуваше „Трансмет“ чекаа во кругот на рудникот. Вработените се пожалија дека од „Трансмет“ им било кажано ако не сакаат да работат, на нивно место ќе донесат работници од други градови.
„Има најава дека денес божем ќе легнеле пари на сметка и ќе не исплател и дека ќе бидеме отпуштени од работа. Ќе земел работници од Кичево, Скопје, Куманово, ќе работеле тука, за два-три месеци немало да му бараат пари. Ете ги, тука од Кичево и Скопје, чекаат во комбето“, рече работникот Васко Петковски.
Од компанијата „Трансмет“ телефонски ни рекоа дека надлежните се на состанок, па на обвинувањата ќе одговорот во текот на денот. Поранешниот сопственик на „Трансмет“ Сеад Кочан, е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра. Кочан ја напушти земјата и речиси два месеци не беше достапен за органите на истрагата, откако на 9 март минатата година Кривичниот суд му одреди 30 дена притвор. Се врати во државата откако на 14 мај Врховниот суд му ја укина мерката притвор и беше повлечена потерницата издадена за него. И покрај ваквата ситуација лани летото „Трансмет“ повторно доби тендер за ископ на јаглен во РЕК, а од ЕЛЕМ тогаш образложија дека понудил најниска цена.
Од ЕЛЕМ велат дека штрајкот на вработените во „Трансмет“ во моментот не влијае врз производствениот процес во РЕК „Битола“, бидејќи комбинатот има залихи на јаглен. Сепак, доколку во следниот период оваа ситуација продолжи, тоа ќе има негативно влијание врз производството на електрична енергија. Вчера и денес се одржуваат состаноци меѓу раководството на ЕЛЕМ, РЕК и „Трансмет“ за разрешување на настанатиот проблем.
Ж. ЗДРАВКОВСКА