ПЕНДРЕКОТ НА СУДИЈАТА ПАНЧЕВСКИ ПОЛИЦИЈАТА НЕ ГО КОМЕНТИРА, СЕ РАСЧИСТУВА ИНЦИДЕНТОТ ВО СУДОТ ЗА ПРЕКРШОЦИ

    ПЕНДРЕКОТ НА СУДИЈАТА ПАНЧЕВСКИ ПОЛИЦИЈАТА НЕ ГО КОМЕНТИРА, СЕ РАСЧИСТУВА ИНЦИДЕНТОТ ВО СУДОТ ЗА ПРЕКРШОЦИНа експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и на шефот на човечки ресурси Горан Стаменковски, инцидентот во одделението за прекршоци во четвртокот наутро, не им е прво јавно изразено непријателство. - Панчевски; Стаменковски; Џолев

    МВР го расчистува инцидентот што се случил во четвртокот меѓу поранешните блиски соработници, експретседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски и Горан Стаменковски, раководител на секторот за човечки ресурси во судот. Оттаму одбиваат уште сега да коментираат што всушност се случило и дали судијата Панчевски смеел да носи на работа пендрек или друго орудие или тврд предмет за самоодбрана.

    На прашање, пак, дали смее граѓанин, кој не е судија, да носи пендрек или други предмети за повредување на работа или на јавни места, од МВР појаснуваат дека тоа е прекршочно дело „загрозување на сигурноста“.

    Додека Панчевски тврди дека бил вербално нападнат, пцуен и навредуван од Стаменковски, овој го тврди спротивното, дека случајно за време на ревизијата влегол во канцеларија во која бил Панчевски и оти веднаш штом го видел на вратата, му се втурнал со пендрекот и го искошкал надвор, без да го удри.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев кој до понеделник е на годишен одмор, дали Стаменковски му се втурнал в канцеларија на Панчевски и вербално го нападнал, но и дали смее лице на работно место да чува пендрек и други средства за самоодбрана, со кои може да повреди друг?

    „За настанот читам од медиумите. Можам да потврдам, точно е дека пред одморот дадов налог да се изврши ревизија на судските предмети во одделот за прекршоци, за кои е извршено примопредавање според новиот распоред за работа. Стаменковски беше ставен во таа комисија, заедно со раководителот во судот за прекршоци, секретар, итн. Не знам навистина што се случило и дали настанот е од толкави големи размери, тоа ќе си го утврдат надлежните органи“, вели Џолев.

    На прашањето, пак, зошто судија од неговиот суд чува пендрек на работното место и дали смее да носи тврди предмети ако не се чувствува безбеден, како што тврди Панчевски во медиумите, Џолев вели:

    „За безбедноста на судиите и на вработените во судот, гарантира судската полиција“.

    На наше инсистирање, тој вели дека според законот, на работа не смее да се носат средства за повредување и оти тоа важи како за „обичните“ граѓани, така и за судиите.

    Во МВР за овој случај велат:

    „Очекуваме и обвинителството да се вклучи во случајот, ако е потребно. Засега во билтенот на МВР за овој настан има само пријава од лице В.П. дека вчера во 9.30 часот, во канцеларијата на пријавувачот број 61 во Одделението за прекршоци, влегол Г. С и без никаква причина почнал вербално да му се заканува. Настанот се расчистува“, велат од МВР за овој пријавен инцидент.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира