Шестмесечно бебе од Куманово и 40 годишен маж се заразени од мали сипаници или морбили. Министерството за здравство информираше дека двата нови случаи на заболени од морбили пријавени се од Институтот за јавно здравје.
„Бебето, кое е на 6 месечна возраст, кое заради возраста сè уште не е вакцинирано и не подлежи на вакцинација. Тоа е во добра општа состојба. Вториот случај е маж на 40 годишна возраст, кој бил вакциниран со една доза на вакцина. Пациентот е амбулантски прегледан и пуштен на домашно лекување. За двата случаи не постои податок за епидемиолошка поврзаност, како и податок за контакт со заболен од морбили“, велат од Министерството за здравство.
Од Центарот за јавно здравје Скопје велат дека кај нив воопшто немало пријава за нов случај на морбили, туку дека информацијата ја добиле од Министерство за здравство.
„Во теренската контрола утврдено е дека пациентот има блага форма на морбили и како што изјави не бил во контакт со некој што има мали сипаници. Останатите членови на семејството се во добра состојба и никој од нив не е заразен со морбили. Состојбата во Скопје е мирна, односно нема други случаи освен овој“, велат од Центарот за јавно здравје Скопје.
Комисијата за заразни болести, во рамки на Министерството за здравство, констатира дека грипот сè уште е со ниска активност, односно во моментов се регистрирани 1.739 заболени од грип.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат испрати решенија до сите средни и основни училишта да преземат мерки за темелно чистење и за дезинфекција на училишните простории, обезбедување средства за лична хигиена, односно течен сапун и редовно да ја следат отсутноста на децата од настава“, велат од Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА