НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КОЈ Е ГАЗДА НА ПОШТЕНСКИТЕ ОДМОРАЛИШТА КОИ СЕ РАСПАЃААТ И СО ГОДИНИ НЕ РАБОТАТ

    НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КОЈ Е ГАЗДА НА ПОШТЕНСКИТЕ ОДМОРАЛИШТА КОИ СЕ РАСПАЃААТ И СО ГОДИНИ НЕ РАБОТАТНа шеталиштето во Охрид познатото Поштенско одморалиште не работи повеќе од 20 години (Фото: СДК.МК)

    Никој не знае кој е сопственик на поштенските одморалишта низ земјава. Со години овие објекти кои се наоѓаат низ туристичките места не работат, зјаат празни и се распаѓаат.

    На шеталиштето во Охрид, познатото Поштенско одморалиште не работи повеќе од 20 години. Обраснато е со треви, прозорците се искршени, покривот прокиснува, на повеќе места паѓаат парчиња од фасадата, дворот е затрупан со ѓубре. Некогашниот репрезентативен објект на охридското шеталиште сега е руина, иако се наоѓа на атрактивна локација на кејот во центарот на Охрид.

    Ист е случајот и со одморилиштето во Маврови Анови, пред браната, кое со години е затворено, но за разлика од она во Охрид се наоѓа во подобра состојба. Ниту таму со години нема туристи, ниту пак некој го посетува и го одржува објектот.

    Со години не работи ниту Поштенското одморалиште во Маврово (Фото: СДК.МК)

    Поштенските одморалишта во минатото беа сопственост на ПТТ, компанија од која што произлегоа Македонски пошти и Телеком. Од Македонски пошти велат дека тие не се сопственици веќе со години на овие објекти, односно дека ги презел Телеком.

    „Ние не поседуваме ниту едно одмаралиште. Објектите се преземени од Телеком. Таму обратете се за сите информации“, ни рекоа кусо од Македонски пошти.

    Но, и Телеком велат дека не поседуваат одмаралишта, ниту пак кажуваат дали тие се продадени на приватни сопственици и кои се тие.

    „Телеком не ги поседува поштенските одморалишта за кои нè прашувате“, одговорија од компанијата.

    Според податоците кои ги добивме од Агенцијата за катастар на недвижности, поштенското одмаралиште на кејот во Охрид се наоѓа на катастарска парцела 16586-/1, по имотен лист сопственост на „Еуро Салон-ДООЕЛ“ од Охрид. Поштенското одмаралиште во Маврови Анови се наоѓа на катастарска парцела 284 со право на сопственост запишана во имотен лист на Телеком, а дел на Македонски пошти.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира