ЈАНАКИЕСКИ СИ ДАЛ ОТКАЗ ВО ВМРО-ДПМНЕ, СЕ ВРАБОТИЛ КАЈ КУМАШИНОТ ВО „ПЕЛИСТЕРКА“

    ЈАНАКИЕСКИ СИ ДАЛ ОТКАЗ ВО ВМРО-ДПМНЕ, СЕ ВРАБОТИЛ КАЈ КУМАШИНОТ ВО „ПЕЛИСТЕРКА“Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за почетокот на судењето за предметот „ТНТ“. (Фото: М. Златевска)

    При проверката на личните податоци на денешниот почеток на судскиот процес за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески му кажа на судот дека не работи веќе во ВМРО-ДПМНЕ.

    Јанакиески рече дека сега се вработил во компанијата „Пелистерка“. „Пелистерка“ е на неговиот кумашин Дејан Панделески.

    Првообвинет во случајот ТНТ на Специјалното обвинителство е експремиерот Никола Груевски. Обвинети (за злоупотреба на службената положба и овластувањата) се вкупно 7 лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски. И тој го коригираше судот, затоа што сега работел во ЕЛЕМ, а не како што стои во обвинението, во Општина Гази Баба.

    Ова е прво рочиште за уривањето на Космос. Присутен е и сопственикот Фијат Цаноски, кој пред судот најави оштетно побарување.

    Одбраната бараше да се одложи судењето, додека СЈО не им ги ископира и даде доказите на седумтемина адвокати.

    Обвинителот на СЈО Бурим Рустеми рече дека адвокатите имале можност, биле повикани, но не дошле во СЈО да ги преслушаат и разгледаат сите докази со кои ова обвинителство има намера да ги „нападне“ обвинетите, вклучувајќи ги и прислушуваните разговори, каде стои целиот план за незаконското уривање. Судијата Огнен Ставрев не го одложи судењето и ги покани адвокатите да дадат воведни зборови.

    „Ако не сакате, не давајте воведни зборови. Судењето почна, нема враќање назад“, рече тој.

    Во воведните зборови адвокатите, главно го отфрлаат обвинението и го обвинуваат Цаноски дека отстапил 147 сантиметри во градбата и затоа според законот, му бил урнат објектот.

    Во обвинението, пак, СЈО го тврди спротивното, т.е. дека мерењето било направено во фаза на градба, на незавршен објект и не може според тоа да се смета дали е отстапено или не од градбата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира