ИЗМАМНИЧКА ЗЕМАЛА ПАРИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, ПРЕТСТАВУВАЈЌИ СЕ КАКО ПРИЈАТЕЛКА НА СПАСОВСКИ

    ИЗМАМНИЧКА ЗЕМАЛА ПАРИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, ПРЕТСТАВУВАЈЌИ СЕ КАКО ПРИЈАТЕЛКА НА СПАСОВСКИЗа случајот денеска информираше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој престојуваше во работна посета на полициската станица во Јегуновце. (Фото: СДК.МК)

    Тетовка измамила пет лица нудејќи им вработување во јавната администрација за што од оштетените добила 1.980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари. Измамничката била откриена дури откако била пријавена оштетените лица. Поради ова СВР Тетово до Основното јавно обвинителство во Тетово поднесе кривична пријава за стореното кривично дело измама против А.А. (1971) од Тетово.

    Според МВР на 22.01.2018 К.Б. од Тетово пријавила дека била измамена од А.А., со која се запознале на 28.12.2017 година и која и кажала дека за одредена парична надомест може да ги вработи нејзините два сина во државната администрација. А.А. ја убедувала К.Б. дека има контакти со влијателни владини функционери, конкретно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. По неколку дена К.Б. ги обезбедила потребните документи за наводното вработување, но бидејќи едниот син имал само средно образование, А.А. се понудила за надомест од 500 евра да му обезбеди диплома за завршено високо образование. Со оглед на тоа дека и сопругот на К.Б. бил невработен и се обидувал да обезбеди американска работна виза, но патната исправа му била пред истекување, А.А. се понудила дека ќе „помогне“ и за тоа за надомест од 100 американски долари. Според договорот, К.Б. и исплатила на А.А. 1320 евра и 100 американски долари.

    Откако ги исплатила парите, К.Б. повеќе пати контактирала со А.А. за да ја праша зошто не се реализираат ветувањата и да побара да и ги врати парите доколку не може да ја заврши работата, а потоа ја пријавила измамата во СВР Тетово. Веднаш по пријавата, била обезбедена А.А. и во извршениот разговор таа го потврдила пријавениот настан, а кажала и дека на ист начин земала пари од уште четири лица од подрачјето на Тетово и Куманово, ветувајќи им дека ќе ги вработи како наставници во основни и средни училишта и други работни места.

    За овој случај денеска информираше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој престојуваше во работна посета на полициската станица во Јегуновце.

    „За нас борбата против криминалот и корупцијата не е само декларативна туку мора да биде ефикасна. Ги повикувам сите граѓани на Република Македонија да пријават секој кој се претставува во име на државни функционери, па и ако тоа го прави и државен функционер, за да застанеме на патот на криминалот. Овој случај во Тетово треба да биде порака до сите граѓани но и до сите функционери дека МВР нема да толерира криминал и вакво криминално однесување на било кој поединец во Република Македонија“ изјави министерот Спасовски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира