Јазикот и нацијата не може да бидат предмет на преговори и на одлука, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес-конференција со посредникот во спорот за името со Грција, Метју Нимиц.
„Апсолутно не, јазикот и нацијата не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, туку е резултат на историски процес. Прашањето е многу поголемо и од мене и од преговарачот и воопшто од целата генерација на денешните политичари, па веројатно и на идните. Ако дојдеме до таа точка, до идентитетот, нема да има решение. Но, жално ќе биде ако две европски држави ова не го препознаат“, дециден е Димитров, во одговорот на новинарско прашање дали се преговара за јазикот и за идентитетот.
Посредникот во спорот меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц рече дека во разговорите не чул од грчката страна порекнување на идентитетот. Според Нимиц, решение е можно со зачувување дури и зајакнување на идентитетот.
Министерот Димитров, на прес конференцијата рече дека што повеќе се зборува во јавноста за црвените линии во спорот за името, толку се помали шансите да се најде решение.
Медијaторот Нимиц уверува дека македонската влада е компетентна да го зачува идентитетот на народот.
„Прашањето се изнесени, нема да станат полесни во иднина, мора да се соочиме со реалноста“, рече Нимиц и додаде: „Во прашање се недели или месеци кога ќе се дојде до решение, бидејќи од двете страни има влади што се спремни да разговараат“.
Министерот Димитров смета дека решение е можно ако ниту една страна во спорот не се чувствува поразена.
„Ова прашање не може да се реши доколку една страна се чувствува поразена, односно лесно е да се закопате во историските ровови, но време е регионот да оди напред иднина која ќе биде заедничка“, рече Димитров.
По средбата со министерот за надворешни работи, Нимиц треба да се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Претходно, посредникот во спорот во Владата се сретна со премиерот Зоран Заев и министерот за одбрана Радмила Шекеринска, како и со претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Г. ТРПЕНОСКИ