Над 200 мажоретки од Северна Кореја пристигнаа во Јужна Кореја за да им се приклучат на спортистите од двете страни на полуостровот на Зимските олимписки игри. 229 млади жени кои стигнаа денес се меѓу делегацијата од 280 луѓе, кои ја минаа демилитаризираната зона што ги дели двете Кореи, на граничниот премин Дорасан северно од Сеул.
Секоја облечена во црвен капут и црна шапка, севернокорејските мажоретки беа насмеaни и весели додека ја минуваа имиграциската контрола на југот. Тие разменија и коментари со јужнокорејските новинари.
„Драго ми е што ве гледам“, кажа една од нив.
Прашани за нивните навивачки навики, таа се пошегува: „Само почекајте. Ако ви кажам сега, ќе ви биде помалку возбудливо кога ќе видите“.
Ова беше во целосна спротивност со доаѓањето на спортистите, кои ги игнорираа прашањата на новинарите и директно се упатија кон автобусите паркирани надвор од терминалите.
Мажоретките се производ на внимателен процес на селекција, со испитување на нивното семејно минато, изглед, вештини и лојалност кон Работничката партија.
Северна Кореја прати мажоретки на три меѓународни спортски настани каде домаќин беше Јужна Кореја, во 2002 на Азиските игри, во 2003 на летната Универзијада, и во 2005 на Азискиот атлетски шампионат. Една од мажоретките, која 2005 беше во Јужна Кореја, Ри Сол-Ју му стана сопруга на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун.
Со само 10 севернокорејски спортисти кои ќе се натпреваруваат за нивната земја и друга група од 12 Корејки од хокејарскиот тим, мажоретките ќе ги поддржат и јужнокорејските спортисти кога нивните нема да се натпреваруваат.
Олимпијадата предизвика забрзано зближување на поделениот Корејски Полуостров, откако севернокорејскиот лидер изрази подготвеност да учествува во игрите во неговиот новогодишен говор.
Северна и Јужна Кореја, барем времено, го ставија на страна нивното непријателство и дозволија Пјонгјанг да испрати свои спортисти на игрите, а некои го гледаат како можност за да се забрза преговарачкиот процес. Ким е највисоко рангираниот севернокорејски претставник кој некогаш ја преминал демилитаризираната зона на југ.
Јужна Кореја нивното присуство го гледа како можност да се оживее комуникацијата со Северна Кореја, по период на непријателство и дипломатски неуспех за нуклеарното оружје и програми. Јужна Кореја организираше редок чартер лет меѓу двете земји, за на игрите да допатуваат спортистите од Северна Кореја.