Охридскиот двокатен автобус, што минатата година мистериозно исчезна, ЈП „Билјанини Извори” го поправи и од мај ќе почне да вози туристи, како и ученици од охридските училишта.
„Двокатниот автобус сега е конзервиран и паркиран во гаража, за од мај повторно да биде ставен во функција. Ние го поправивме со околу 5.000 евра, а поправката по распишан тендер ја изврши ‘Думакс експрес‘. Возилото беше демолирано пред повеќе од една година од едно лице кое го тужевме и тој треба да ја надомести штетата”, кажа директорката на ЈП „Билјанини Извори”, Гордана Јованоска.
Двокатниот автобус мистериозно исчезна минатото лето и долго време никој не знаеше каде се наоѓа. На крај беше откриен во една хала на компанијата ЕМО од Охрид. Тука беше сокриен од јавноста и не беше во употреба поради искршени стакла, а беа демолирани и некои други негови делови.
Д. ЧУБРИЌ