АРХИТЕКТИТЕ БАРААТ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ДА СЕ СЕЛИ НАДВОР ОД СКОПЈЕ

    АРХИТЕКТИТЕ БАРААТ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ДА СЕ СЕЛИ НАДВОР ОД СКОПЈЕАрхитектите предупредуваат дека доколку остане Клиничкиот центар на постојната локација, ќе настане сообраќен инфаркт во централното градско подрачје (Фото: М. Златевска)

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија бара дислокација и изградба на нов Клинички центар , во општина Карпош. Претседателот на ААМ, Мартин Пановски и архитектот и член на Управниот одбор на Асоцијацијата Иван Арсовски, денес на прес реагираа дека ниту тие, ниту стручните инстуции како Архитектонскиот факултет, Агенцијата за просторно планирање и Секторите за урбанистичко планирање на град Скопје и Општина Центар, не се консултирани околу најавите за изградба на нов Клинички центар.

    Планираната површина за новата локација изнесува околу 94 хектари

    Презентирајќи ја физибилити студијата за дислокација од Европската инвестициска банка од 2010, Арсовски рече дека планираната локација се наоѓа на север од населбата Злокуќани и на југ подолжно железничката пруга со правец Скопје – Кичево. На истиот простор заедно со психијатриската болница „Бардовци“ ќе претставуваат една единствена просторна целина. Моменталната површина изнесува 20 хектари, а планираната површина за новата локација изнесува околу 94 хектари.

    „За споредба со Градскиот стадион, на сегашната површина може да има четири стадиони, а на новата ќе собере 16 стадиони“, рече Арсовски.

    Архитеките велат дека нoвата локација нуди можности за брз пристап за специјалните возила, јавниот градски превоз и приватните корисници

    Новата локација, рече тој, има повеќе погодности како географска поставеност на ниво на државата, релјефна конфигурација, струењето и циркулацијата на воздушните маси, близината на централното градско подрачје на град Скопје и неговата структура и инфраструктура, и сообраќајната (патна и железничка) поврзаност и проточност.

    „Новата локација нуди можност за брз пристап за специјалните возила, јавниот градски превоз и приватните корисници, можност за планирање на брза железница, можност за поврзување на новиот универзитетски Клинички центар по воздушен пат, односно простор за хелиодром“, кажа Арсовски.

    На новинарско прашање по изјавата на премиерот Зоран Заев дека на таа локација има многу нерешени имотно-правни односи и дека градбата би почнала дури за 4-5 години и дека ќе чини околу половина милијарда евра, Пановски одговори дека не е прецизирано во јавноста што и колку ќе чини, и кажа дека таков крупен проект ќе се гради од 10 до 15 години.

    „Дури и да се плати штетата за пенали од 5,5 милиони евра, ако се раскине договорот со италијанската компанија ‘Инсо системи’, штетата ќе биде поголема доколку остане клиничкиот центар на постојната локација. Не може да зборуваме за нов клинички центар, тоа е само доградба и реновирање“, рече Пановски.

    Архитектот Арсовски додаде: „Треба да се размислува дека кога ќе се изгради патот Сопиште-Сончев град со потенцијални 17.000 жители во таа населба, единствена главна врска со центарот ќе биде улицата ‘Мајка Тереза’ која минува пред Клинички центар. Замислете ги тие возила, плус 5.000 возила кои сакаат да влезат на Клинички, плус специјалните возила, и плус возилата од околните станбени згради, тоа ќе биде сообраќаен инфаркт, не колапс. Да не говориме и за еколошката катастрофа од возилата кои се во мирување околу Клиничкиот центар“.

    Пановски апелираше до Владата и институциите во иднина да бараат стручно мислење за изградба на просторни објекти на ниво на цела држава, бидејќи, како што рече, смачено им е веќе да реагираат и да ги консултираат откако нешто ќе се изгради.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира