Попусто битолчани чекаа да падне снег и да скијаат на Пелистер. Во ски центарот „Копанки“ денес нема скијање бидејќи нема струја, раскажуваат скијачи кои утрово се упатија на Пелистер. Според нив најверојатно се работи за дефект во електричното напојување, а дел од забележале и паднато дрво, но не знаат дали тоа го предизвикало проблемот. Дел од скијачите разочарани веќе ја напуштиле планината.
Нема официјални податоци која е причината за настанатата ситуација. Телефонски не успеавме да го добиеме директорот на хотелот „Молика“, која стопанисува со ски патеката, да ни објасни во што е проблемот. Претходно, битолчанецот и скијач Иван Чулаковски на својот Фејсбук профил објави видео во кое на патот го среќава директорот на хотелот Димитар Димитровски и тој му кажува дека нема струја.
За каков дефект на електричното напојување станува збор, не добивме информација ни од ЕВН.
Ж. ЗДРАВКОВСКА