Сторми Даниелс, порноѕвездата на која адвокатот на Доналд Трамп ѝ платил 130.000 долари ден пред изборите, вели дека сега може слободно да зборува за наводниот сексуален однос со сегашниот американски претседател, изјави нејзината менаџерка.
Во исто време, развојот на настаните во овој бизарен случај отвори прашања дали со ваква исплата биле прекршени федерални финансиски закони во време на кампања.
Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, смета дека личниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, поништил премолчен договор, кога го открил својот дел од приказната во изјавата за „Њујорк тајмс“, но и кога најавил објавување книга, во којашто ќе се зборува и за случајот со порноактерката.
„Сите карти се отворени сега и Сторми ќе ја раскаже и својата приказна“, изјави нејзината менаџерка Џина Родригес.
Средбата помеѓу Трамп и Даниелс, наводно, се случила во хотелска соба во Лејк Тахоу, Невада, во 2006 година, кога таа ја промовирала својата компанија за порнофилмови на еден голф турнир на славни личности.
Во годините што следеа, таа тврдеше дека само еднаш имала секс со Трамп, по што само продолжиле да се дружат, негирајќи преку својот адвокат дека имале долга афера.