Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан кажа дека Европската Унија е уверена дека Македонија наскоро ќе го реши спорот за името со Грција, што би можело да се случи во периодот додека Бугарија претседава со Унијата.
Според високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во истата временска рамка Македонија и Албанија би можеле да добијат датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.
„Сосема сум сигурен дека Македонија и Грција ќе постигнат договор до крајот на бугарското претседателство“, кажа Хан за време на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Софија, а со него се согласи и бугарската министерка Екатерина Захариева.
„Имајќи ги предвид разговорите што се во тек, мислам дека има голема шанса да се случи тоа. Помеѓу двете земји постои политичка волја да се стави крај на овој спор“, кажа Захариева.
За Могерини, тоа би значело доближување на Македонија кон членството во Европска Унија.
„Ние го следиме и поддржуваме дијалогот помеѓу Македонија и Грција. Чекорите што се преземаат се многу позитивни и храбри. Оттука, покрај земјите кои веќе се во фаза на преговори, отсега, па до јули постои можност да се отпочнат преговори и со други земји од Западен Балкан“, изјави Могерини.