Обвинителот Ацо Колевски, кој го потпиша и поднесе Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) за Сеад Кочан додека беше во бегство и со кое куртули од притвор, утринава даде заклетва пред претседателот на Собранието Талат Џафери.
Колевски е новоизбраниот член на телото кое ќе именува и разрешува обвинители. Него на 16. февруари годинава, со шест гласа „за“ го избраа членовите на Републичкото јавно обвинителство, од чиј ред доаѓа Колевски.
Врховниот суд го спаси Кочан од притвор во мај лани, откако Колевски поднесе БЗЗ со кое се замеша во работата на Специјалното обвинителство. На барање на СЈО, Кривичниот и Апелациониот суд Скопје му одредија притвор на тогаш осомничениот во „Труст“ Кочан. Веднаш петчлениот Кривичен совет на Врховниот под раководство на Јово Вангеловски постапи и најде неправилности во одлуките на двата пониски суда, по што му ја укина мерката притвор.
Кочан по оваа одлука на Врховниот суд иницирана од Колевски, се врати од бегство.
С. К. ДЕЛЕВСКА