Кафулињата „Џуси бар“, „Бастион“, „Локал 45“, „Радио Бар“,„Колектив бар“ и „Нола бар“ се казнети од Општина Центар бидејќи пуштале гласна музика, соопштиј локалните власти.
Инспекторите синоќа по пријави на граѓани за бучава од гласна музика спровеле инспекциски надзор во угостителските објекти.
„Општина Центар нема да дозволи да не се почитува Законот за бучава и да се нарушува ноќниот мир на жителите. Овластениот инспектор за животна средина ги посети сите угостителски објекти, по што изготви решенија со кои ги упати да превземат мерки за намалување на нивото на бучава во рамките на пропишаните гранични вредности. Согласно Законот за заштита од бучава, на објектите им се доставуваат платни налози за глоба за сторен прекршок во висина на одмерената сума согласно Законот за прекршоци. На четири од локалите им е одмерена глоба во вредност од 300 до 500 евра . Доколку глобата се плати во рок од 8 дена вредноста се намалува за половина. За два од објектите, постапката е во тек, бидејќи се чека да поднесат годишни сметки според кои ќе се одмери казната“, велат од кабинетот на градоначалникот Саша Богдановиќ.
Од Општина Центар апелираат до граѓаните да пријават гласна музика, и вознемирување во полициската станица Центар, под чија надлежност е нарушување на јавниот ред и мир. Од таму велат дека Општината заедно со МВР ќе превземаат континуирани и редовни контроли по што ќе се превземат неопходните мерки.