Чудно загревање што се случува околу Северниот Пол испраќа удар на арктички студ низ Европа, што може да биде знак на „чукнато“ време, што во иднина ќе се случува и почесто, како последица на глобалното затоплување, предупредија научниците.
На северниот врв на Гренланд, метеоролошката станица „Кејп Морис Џесап“ досега во 2018 година измерила рекордни 61 час на температури над точката на замрзнување, што се поврзува со ретко повлекување на морскиот мраз во арктичката зимска темница.
„Никогаш досега не било вака екстремно. Загревањето доаѓа кон Арктикот и од Атлантскиот Океан и од Беринговиот Премин“, вели Рут Мотман од Данскиот метеоролошки институт.
Во целиот арктички регион, температурите се околу 20 Целзиусови степени над нормалното, на минус осум степени.
Од друга страна, во Рим падна снег за првпат во последните шест години, додека градоначалникот на Брисел нареди засолнување на сите бездомници, бидејќи се очекува температурите да паднат до минус десет во наредните недели.
Погодени од источни сибирски ветрови, во градовите од Варшава до Осло температурите беа пониски од осум степени.
„‘Чукнато‘ време продолжува со застрашувачки силина и постојаност. Прашање е дали вакво време ќе се повторува почесто“, изјави Ларс Калешке, професор на Универзитетот во Хамбург.