ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОТВРДИ ДЕКА ИСТРАЖУВА МЕСТЕЊЕ ПРЕДМЕТИ СО РАСПОРЕД НА СУДИИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОТВРДИ ДЕКА ИСТРАЖУВА МЕСТЕЊЕ ПРЕДМЕТИ СО РАСПОРЕД НА СУДИИВо јавноста се врти неофицијална бројка за над 800 предмети само во Основниот суд Скопје 1, кои им биле давани на судиите на рака, надвор од АКМИСОТ Обвинителството во оваа фаза од постапката, не сака да ги коментира овие наводи.- Основен суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Скопското обвинителство истражува како функционирал АКМИС-от во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд поврзан со честото менување на распоредот на судии во овие два суда.

    „Во моментов се истражуваат записниците правени при контролите, т.е. записниците за тоа како функционирал системот за електронска распределба на судските предмети за периодот што се истражува“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Обвинителството.

    Според официјалните информации од Јавното обвинителство на Македонија, извештајот на експертската група од Министерството за правда се однесува само на контролата на АКМИС-от во Основниот суд Скопје 1, Врховниот и Апелациониот суд Скопје и бил само појдовна основа за Обвинителството. Таму не биле опфатени ад хок измените на распоредите за работа на судиите од страна на експретседателите на Кривичниот суд: Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев, а ни честите промени на составот на кривичниот совет и на другите совети во Врховниот суд од страна на претседателот Јово Вангеловски, во зависност од налетот на предметите на Специјалното јавно обвинителство.

    Досега во Обвинителството не е повикан ниту еден поранешен претседател или в.д. претседател на Кривичниот, Врховниот и на Апелациониот суд, чиј систем за распределба на предмети исто така беше контролиран од Министерството за правда. Не се повикани ни сведоци, а ни ИТ-инженери вработени во овие судови опфатени со предистрагата.

    Во јавноста се врти неофицијална бројка за над 800 предмети само во Основниот суд Скопје 1, кои им биле давани на судиите на рака, надвор од АКМИСОТ. Обвинителството во оваа фаза од постапката, не сака да ги коментира овие наводи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира