Парламентарното мнозинство побара од членовите на Антикорупциската комисија веднаш да си поднесат оставка поради злоупотребите, откриени при ревизијата на Управата за јавни приходи до која дојде САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Ако Антикорупциска не поднесе оставка, бидејќи не заслужуваат да останат понатаму ниту еден ден, тогаш парламентарното мнозинство ќе покрене постапка за разрешување на комисијата“, рече Фросина Ременски, потпретседател на Собранието од СДСМ на прес-конференција во Собранието.
Барањето за оставка доаѓа по ревизијата на Управата за јавни приходи, која откри дека членовите на Комисијата ненаменски трошеле буџетски средства.
Ревизијата до која дојде САКАМДАКАЖАМ.МК се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.