Српска напредна партија (СНС), чиј лидер е српскиот претседател Александар Вучиќ, прогласи победа на локалните избори во Белград, што се одржаа денеска.
Победата практички ја потврди и државната изборна комисија, која по 75% преброени гласови соопшти дека коалицијата собрана околу Вучиќ освоила 45,5% гласови. На второто место е листата на Драган Ѓилас со 18,8% освоени гласови. Излезноста на изборите била само 50,6%.
Во своето прво обраќање по победата, Вучиќ кажа дека името на новиот градоначалник на Белград ќе биде познато во наредните две недели.
„Многумина кажуваа дека почнуваат промени, само не знам на кои промени мислеа. Тоа што освоивме 45% гласови е најдобриот резултат на Српската напредна партија во Белград досега и ќе имаме апсолутно мнозинство. Кој ќе биде на која функција, ќе разговараме во наредните денови“, изјави Вучиќ.