„ОБЛИКОТ НА ВОДАТА“ И ДЕЛ ТОРО СЛАВЕА НА 90. ОСКАРИ

    „ОБЛИКОТ НА ВОДАТА“ И ДЕЛ ТОРО СЛАВЕА НА 90. ОСКАРИУште една година на мексикански филмаџии во Холивуд. - Гилјермо дел Торо (Фото: Гети)

    „Обликот на водата“, фантастичната романтична драма на Гилјермо дел Торо, беше прогласен за најдобар филм на 90. доделување на Оскари. Тој имаше 13 номинации, а на крајот се закити со четири статуетки, оставајќи го благиот фаворит „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ со само две награди. Три освои „Данкирк“, но само во техничките категории.

    Изненадувања немаше во актерските категории.

    Неверојатно разновидната кариера на Гери Олдман, конечно, беше крунисана со Оскар за улогата на Винстон Черчил во „Најтемниот час“, додека Френсис Мекдорманд („Три билборди пред Ебинг, Мисури“) славеше во категоријата најдобра актерка 21 година по триумфот со „Фарго“.

    За споредна улога се наградени Сем Роквел („Три билборди пред Ебинг, Мисури“) и Алисон Џени („Јас, Тонја“). Истите четири актери претходно добија и Златен глобус и БАФТА.

    Дел Торо го доби Оскарот за режија за „Обликот на водата“, со што по четврти пат во последните пет години оваа награда ја доби Мексиканец, по Алехандро Ињариту (2016 и 2015) и Алфонсо Куарон (2014).

    „Фантастична жена“ на Себастијан Лелио го доби Оскарот за најдобар странски филм, со што наградата во оваа категорија за првпат замина во Чиле, а „Коко“ е најдобар анимиран филм, заокружувајќи ја својата жетва награди со Оскарот.
    Со 89 години, Џејмс Ајвори, кој претходно имаше три номинации, стана најстар добитник на Оскар на сите времиња, што му припадна за адаптирано сценарио за „Викај ме со твоето име“.

    Свој момент дочека и легендарниот британски снимател Роџер Дикинс, кој од 14. обид, конечно, доби Оскар, и тоа за „Истребувач 2049“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира