НЕМАМЕ КРИЗА ВО КОАЛИЦИЈАТА, КАЖА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДУИ ТЕУТА АРИФИ

    НЕМАМЕ КРИЗА ВО КОАЛИЦИЈАТА, КАЖА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДУИ ТЕУТА АРИФИПо повод празникот на жената 8 Март, Џафери на Арифи ѝ подари сребрен брош во вид на пеперутка. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката на Тетово Теута Арифи кажа дека нема криза во владејачката коалиција, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета претседателот на Собранието Талат Џафери на Општина Тетово. Арифи, која е и потпретседател на ДУИ, вели дека нејзината партија секогаш е спремна да даде придонес за надминување на разликите, коментирајќи ги актуелните случувања во Собранието околу Законот за употреба на јазиците.

    „Немаме криза во коалицијата, додека во однос на соработката и меѓупартиските состаноци ДУИ останува секогаш спремна да учествува на сите состаноци каде што треба да даде придонес за надминување на сите евентуални разлики“ изјави Арифи.

    Џафери, пак, беше прашан дали како претседател на Парламентот има план Б за донесувањето на Законот за употреба на јазиците.

    „Во врска со ова прашање, претседателот на Собранието нема планови А, Б, Ц, Д… Претседателот на Собранието пред себе има Устав и има Деловник за работа на Собранието и тоа значи дека таму е регулирано сè. Јас не правам никакви договори тоа е работа на партиите“ рече Џафери.

    Џафери завчера им даде рок од една недела на партиите да најдат решение за Законот за употреба на јазиците, а кажа и дека некои од пратениците на СДСМ се изјасниле дека нема да гласаат за законот.

    По повод празникот на жената 8 Март, Џафери на Арифи ѝ подари сребрен брош во вид на пеперутка.

    „Јас не за вакви настани не доаѓам со празни раце. Јас сум офицер, ама и џентлмен“ рече Џафери на заминување.

    Претходно, тој потсети дека актуелната градоначалничка на Тетово беше прва пратеничка Албанка Парламентот на Република Македонија.

    „По повод Меѓународниот ден на жената 8-ми март и 15 годишнината од основањето на групата жени пратенички во македонското Собрание, а г-ѓа Теута Арифи е прва пратеничка Албанка Парламентот на Република Македонија, сакав како претседател на Собранието ова да го искористам и со оваа посета и на градоначалничката Арифи да и посакам успех во понатамошната работа. Исто така сакам со оваа посета да се воспостави пракса на интеринституционално комуницирање“, вели Џафери.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира