Со чешка донација од милион евра, Министерството за внатрешни работи лани без тендер купило 45 автомобили „шкода“ од фирма донатор на СДСМ, објави БИРН. Станува збор за фирмата „Делукс-ауто“ од Куманово, која што се води во регистарот на донации на СДСМ за 2016 година.
Чешка ги донираше парите во јуни 2017 година, а договорот со „Делукс-ауто“ за набавка на автомобили „Шкода октавија“ бил склучен во септември. Автомобилите беа промовирани од министерот Оливер Спасовски и чешкиот амбасадор Мирослав Томан во декември.
Како што објави БИРН, место тендер, МВР ја искористило законската можност да преговара со фирми, без притоа да објави оглас, а како причина за тоа била наведена крајна итност за набавката.
Покрај кумановската „Делукс-ауто“, покана за преговарање добиле уште три компании што продаваат возила, тоа се овластените увозници на „мерцедес“ – „МакАутостар“, „бе-ем-ве“ – „Маккар“ и „Порше Македонија“, која меѓу другото е овластен увозник на „шкода“, од каде што „Делукс-ауто“ и ги набавува возилата што ги продава.
Од „Порше Македонија“ за БИРН велат дека целата постапка била транспарентна и затоа не поднеле жалба.