ГОДИНАВА ДЕВЕТ ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЛАСТИТЕ АПЕЛИРААТ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА

    ГОДИНАВА ДЕВЕТ ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЛАСТИТЕ АПЕЛИРААТ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА„На родителите им препорачуваме навреме да ги вакцинираат децата, пред се поради заштита на нивното здравје, како и заштита на здравјето на најблиските и на пошироката заедница“, велат од Министерството за здравство.

    Годинава се регистрирани девет случаи на заразени со мали сипаници, од кои само четири случаи се епидемиолошки поврзани, соопшти Министерството за здравство.

    „Состојбата со заразени од морбили во земјава е мирна. Следејќи ја состојбата со епидемии на морбили во соседните држави, со појавата на смртни случаи, а имајќи ги предвид честите меѓународни патувања и комуникација, како и нискиот опфат со вакцинација против морбили во државата, Комисијата за заразни болести на денешната седница ги донесе заклучоци за спречување на појава и ширење на морбилите во земјава“, велат од Министерството за здравство.

    Според овие заклучоци службите за имунизација при Здравствените домови имаат задача поинтензивно да ги проверуваат и евидентираат невакцинираните или непотполно вакцинирани деца, за да ги вакцинираат.

    Лекарите ќе добијат препорака да обрнат посебно внимание на исипните трески кај пациентите и ако се посомневаат за морбили веднаш да пријават.

    „На лицата кои патуваат во земји каде има активни епидемии на мали сипаници им се препорачува да го проверат својот вакцинален статус. За децата од 12 месеци до 18 години проверката да се направи во центрите за имунизација, а лицата на возраст од 19 до 45 години во Центрите за јавно здравје. Ако овие лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или немаат доказ за прележана болест треба да се вакцинираат. На родителите им препорачуваме навреме да ги вакцинираат децата, пред сè поради заштита на нивното здравје, како и заштита на здравјето на најблиските и на пошироката заедница“, велат од Министерството за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира