ЏАФЕРИ ПРВ МЕ ДОПРЕ, ЈАС САМО ОДМАВНАВ СО РАКАТА, КАЖА ГРУЕВСКИ ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО

    ЏАФЕРИ ПРВ МЕ ДОПРЕ, ЈАС САМО ОДМАВНАВ СО РАКАТА, КАЖА ГРУЕВСКИ ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТОНепосредно пред гласањето за Законот за употреба на јазиците, Талат Џафери даде куса пауза и стана да си оди, но беше запрен од Груевски, при што дојде до турканица меѓу нив двајца. Собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери прв ме допре и јас, како што се гледа на снимките, одмавнав со раката пред да се пристапи кон силеџиското носење на Законот за јазиците завчера, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на паузата на денешното судење за ТНТ.

    Во предметот ТНТ на СЈО, Груевски е обвинет за одмаздничко уривање на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што мисли за тоа што никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа кога му истури вода на Џафери и додека се обидуваше да му ја земе електронската картичка, а особено кога се качи горе на пултот и се допреа со главите, тој рече: „Ние не бевме договорени да дејствуваме заеднички. Реагираше секој како што смета дека треба да реагира. Реагираа сите пратеници. Јас реагирав така и не можам да коментирам за другите“, рече Груевски.

    На наша констатација дека во архивите и во историјата на собраниските седници никаде нема доказ дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и тој се против Законот за употреба на јазиците, бидејќи не гласаа и не стиснаа црвено копче „против“, Груевски рече дека не биле таму да пишуваат историја.

    „Сакавме да го спречиме неуставното носење на тој закон“, рече Груевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира