Судија на претходна постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за одредување 30 дена притвор на поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата Васе Доневски за Злоупотреба на службена положба и овластување при вршење на јавна набавка, соопшти Јавното обвинителство.
За второосомничениот В.Г., сопственик на фирмата „Секјуриком“, Обвинителството до Основниот суд Скопје 1, доставило предлог за одредување на мерка претпазливост и таа мерка, исто така, е прифатена од судијата на претходна постапка.
„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица на кои им се става на товар дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување при вршење на јавни набавки. Од мај до август 2015 година при спроведување на постапка за јавна набавка во износ од 660.834.855 денари за одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, противпожарна заштита и оперирање со телефонски централи, првоосомничениот како директор на владина служба ги пречекорил границите на своето службено овластување и потпомогнат со соизвршителство од второосомничениот – како сопственик на правно лице го оштетиле буџетот на Република Македонија при што со дејствијата е прибавена значителна имотна корист за сопственикот на правното лице и правното лице“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.