ИЗРАЕЛСКИОТ АМБАСАДОР СО ШПАГА ВО ВИС НА БИТОЛСКО КАФЕ

    ИЗРАЕЛСКИОТ АМБАСАДОР СО ШПАГА ВО ВИС НА БИТОЛСКО КАФЕИзраелскиот амбасадор Дан Оријан изведе акробатски скок крај скулптурата од филџан со кафе на влезот од Битола (Фото: Фејсбук профил на Дан Оријан)

    Шпага во вис направи израелскиот амбасадор Дан Оријан крај скулптурата од филџан со кафе на влезот од Битола, при неговата неодамнешна посета на градот. Фотографијата ја постави на својот фејсбук профил.

    „Јас навистина го сакам местово и се чувствувам поврзан со овој град. Се надевам дека ќе направиме многу успешни работи заедно со градот, а не само скокање крај вашето кафе“, рече за САКАМДА КАЖАМ.МК амбасадорот Оријан.

    Тој откри дека порано сакал да биде атлетичар, но не успеал, а наместо тоа завршил на Институтот Вингет за тренери по гимнастика.

    „Прво требаше да бидам гимнастичар и до денес се обидувам да бидам во форма. Потоа сакав да бидам доктор, па адвокат. Но, во Израел е многу тешко да се запишете на универзитет за овие дисциплини. Така отидов на Институт каде ве учат да бидете тренер. И овие активности што ги правам имаат за цел да се промовираат одредени карактеристични места низ градовите кои ми прираснале за срце“, вели Оријан.

    Тој е чест гостин во Битола, каде до пред 75 години живееја над 3.000 Евреи. Во тек е уредување на Еврејските гробишта во Меморијален парк на Евреите од Монастир, со што ќе се заштити историското наследство на Еврејската заедница која опстојувала во Битола над пет века. Ова се најстарите и најголемите зачувани еврејски гробишта на Балканот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира