Неколку стотини граѓани протестираат пред Владата поради преквалификацијата на обвинението за прегазување на малиот Алмир од убиство со умисла во сообраќајна несреќа со смртни последици. Демонстрантите побараа оставки од сите инволвирани во судењето за смртта на Алмир, а побараа оставки и од целиот колегиум на Јавното обвинителство, на чело со Јавниот обвинител Љубомир Јовевски поради пропустите во постапката во случајот со Алмир.
Демонстрантите со слики со среден прст покажаа кон Владата и побараа одговорност од премиерот Зоран Заев поради тоа што дозволил во судството да останат истите судии и обвинители кои што биле корумпирани и дека Владата не направила реформа во правосудството.
„Јавниот обвинител Јовевски, тој не е вашата реформа, тој прави исто како неговиот претходник Марко Зврлевски“, беше кажано од говорницата на протестот, на кој што присуствуваа и пратениците на ДУИ Артан Груби и Џеват Адеми.
4-годишниот Алмир во јуни 2016 година беше прегазен пред Здравствениот дом Куманово, по банална расправија на неговите родители и обвинетиот Бобан Илиќ, кој минатата недела беше пуштен од притвор.
Г. ТРПЕНОСКИ