Градоначалникот на Виена Михаел Хојпл му дал совети на скопскиот градоначалник Петре Шилегов околу решавањето на проблемот со паркирање.Шилегов денеска е во работна посета на Виена, каде што имал средби средби со градоначалникот Хојпл и неговата заменичка Марија Василаку.
Како што велат од Град Скопје, на средбата Шилегов ги кажал визиите кои тој и новото градско раководство ги имаат за градот и биле разменети идеи кои што Виена може да му ги пренесе на Скопје.
„На средбата беа разменети и искуства за градското зонско паркирање и паркинг просторот во двата градови. На средбата со заменик- градоначалникот на Виена, Марија Василаку, која е одговорна за урбанизам и сообраќај, заштита на животна средина, се разговараше за јавниот транспорт и негово ефикасно воспоставување, за проектите на споделување велосипеди, како и за развојот на Скопје во енергетско ефикасен, зелен и паметен град“, информираат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.
Од Градот велат дека градоначалникот Шилегов имал средби и со раководителот на туристичкото здружение на Виена, Норберт Кетнер, и пратеникот на покраинското собрание Омер Ал Рами.
Минатата недела градоначалникот Шилегов беше во Париз каде имаше средби со заменик градоначалникот Кристоф Најдовски, како и со претставници на Стопанската комора на Франција.