СО БАЛЕТСКА МАГИЈА ДЕЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ СЕ БОРАТ ПРОТИВ ПРЕДРАСУДИТЕ И ПОДЕЛБИТЕ 

    СО БАЛЕТСКА МАГИЈА ДЕЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ СЕ БОРАТ ПРОТИВ ПРЕДРАСУДИТЕ И ПОДЕЛБИТЕ Проектот „И јас сакам да бидам балерина“ го реализира Центарот за Даунов синдром со финансиска поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ

    Помогнете ни да ги победиме најтешките болести, а тоа се поделбите и предрасудите, порача Нина Костовска, студентка на македонски јазик и книжевност на Универзитетот во Тетово, на денешното одбележување на Светскиот ден на Даунов синдром во Кинотека на Македонија.

    „ Сакаме да покажеме дека не има, дека сме многу, дека сме тука и дека ние можеме многу да направиме. Кога сум се родила и кога им кажале на моите родители дека имам Даунов синдром и ги советуивале да се откажат од мене, тие решиле да го пробаат најстариот лек. Мајка ми, татко ми, брат ми, секој ден ми даваат од лекот, некогаш е тоа на секој час, некогаш на секоја минута и благодарение на тој лек сум тука. Тој лек се состои од безрезервна љубов, безрезервна поддршка и борба со предрасудите. Знам дека тоа не е лесно и дека зад целиот мој успех стојат моите родители и пријатели, затоа им порачувам на институциите да не поддржат, оти нашиот успех ќе биде и нивен“, кажа Нина, девојката од минатогодишната видео кампања на Европската унија и УНИЦЕф  – „Како ќе реагирате ако ве служи фармацевтски техничар со Даунов синдром“.

    Мариче, Лиза, Теа, Маца, Алек, Тина, Мила, Луци, Лала, Дамла и Јагмур со балетските педагози Искра Шукарова, Тијана Спасовска, Изабела Ангелова и Стефанија Милевска, и со сценскиот советник Искра Ветерова

    Деца со Даунов синдром во рамки на одбележувањето на Денот изведоа балетска претстава како дел од проектот „И јас сакам да бидам балерина“, кој го реализира Центарот за Даунов синдром со финансиска поддршка од Европската унија и УНИЦЕФ.

    Мариче, Лиза, Теа, Маца, Алек, Тина, Мила, Луци, Лала, Дамла и Јагмур со балетските педагози Искра Шукарова, Тијана Спасовска, Изабела Ангелова и Стефанија Милевска, и со сценскиот советник Искра Ветерова пред публиката во преполната сала покажаа дека и тие можат да ја доловат магијата на балетската игра.

    Малите балерини и балетани ги гледаа и министрите за култура, здравство и труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски, Венко Филипче и Мила Царовска

    Во рамки на проектот издадена е и сликовницата „Девојчето на ридот“ во која се зборува за малечкото девојче Луна со Даунов синдром,чија најголема желба била да танцува.
    Елспет Ериксон од УНИЦЕФ кажа дека секое дете без оглед каде е или како изгледа има потенцијал, а дека задача е на сите нас на целата заедница да им овозможиме да го искажат својот потенцијал.
    „Секое дете има некоја способност, и секое дете има право на здрав живот, а на нас е тоа да им го овозможиме“, кажа Ериксон.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира