БИТОЛСКИ ХУМАНИТАРЕЦ ГИ УЧИ МЛАДИТЕ ДА ЧИТААТ КНИГИ

    БИТОЛСКИ ХУМАНИТАРЕЦ ГИ УЧИ МЛАДИТЕ ДА ЧИТААТ КНИГИСакам да да сум библиотекар и да ги поттикнувам младите да читаат, бидејќи тоа отвора нови хоризонти во животот, вели Бојан Тодоровски, дипломец на Педагошкиот факултет во Битола, на струката за професор по техничко образование и информатика (Фото: Фејсбук)

    Додека неговите врсници во основно училиште трчале на одморите, тој слободното време на школо го минувал во школската библиотека. Бојан Тодоровски од мали нозе научил како да води едвиденција за изнајмените книги, но и многу да чита и тоа да им го пренесе на другарчињата за кај нив да ја побуди жедта за читање. Деновиве ова 26-годишно момче ја одбрани дипломската работа на тема „Училишните библиотеки во воспитно-образованиот процес“.

    „Денес, современата училишна библиотека треба да ги задоволи следните стандарди: квалитет и инвентивност, насоченост кон иднината, пристап кон услугите, достапност на е-книги и е-услуги, примена на програми за обука за користење на ИКТ технологиите, образовна работа. Но, училиштата се базираат уште по стариот метод. Земи книга да те впишат во тетратката и да ја вратиш по толку време. Tреба да се базираат на новиот пристап“, рече Тодоровски.

    Бојан Тодоровски (лево) веќе неколку години ја води и хуманитарната организација „Млади хуманисти“ која помогнала во лекувањето на многумина болни од Македонија (Фото: Фејсбук)

    Тој неодамна дипломираше на Педагошкиот факултет во Битола, на струката за професор по техничко образование и информатика. По завршувањето на факултетот се пријави во Агенцијата за вработување и сега очекува со своето знаење да помогне во развој на образованието во земјава.

    „За тоа каде би работел имам повеќе желби и процедури кои би сакал да ги премостам. Една од тие желби е да сум библиотекар и да ги поттикнувам младите да читаат бидејќи тоа отвора нови хоризонти во животот. Но, би сакал да сум  и наставник бидејќи сакам да работам со деца“, вели Тодоровски.

    Факултетот го заврши на време, а во индексот има и десетки. Најмногу му лежеле предметите по основи на градежништво, техничко цртање со графички основи и практичната работа со ученици.

    „Имаше професори кои можам да ги наречем срцки, кои ми помагаа во студирањето. Меѓу нив и сега покојната професорка Линда Стојановска која беше од Америка, а тука предаваше на Техничкиот факултет. Таа користеше Интернет, подготвуваше материјали на Интернет, објавуваше снимки со објаснување, колоквиуми, сите задачи, од испити, да те научи да го засакаш предметот. Таа користеше Интернет, а некои професори имаа книги, други скрипти“, вели Тодоровски.

    Тој веќе неколку години ја води и хуманитарната организација „Млади хуманисти“ која помогнала во лекувањето на многумина болни од Македонија. Ова Здружение организираше концерт и средствата ги подари за лекување на сега  покојниот Гоце Марковски, момче од Битола кое боледуваше од тумор на мозок и почина на  13 години. Освен на болните им помагаат и на гладните. Така на Денот на Ромите, Тодоровски на штанд на Шиток Сокак собра храна од хумани битолчани и ја донираше на сиромашни ромски семејства од битолскиот Баир.

    „Како секој човек, така и јас размислувам за одредени нешта и ги давам моите идеи преку кои ги искажувам моите сфаќања кон одредени проблеми. Се прашувам, ќе имам ли потенцијал да постигнам нешто што ќе биде трајно? Одговорот го барам во еден лавиринт во кој, пред да излезеш од него, треба да поминеш долг пат исполнет со надежи, сомневања, поуки и совети. Сепак, можам да речем дека поминав низ многу препреки во животот и ете сум цврст, постојам за оние личности кои ме сакаат и ме почитуваат “, вели  Тодоровски на својот фејсбук профил.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира