Јапонскиот танчар Кенто Тирашита, кој од 2016 година е ангажиран како надворешен соработник во Македонската опера и балет (МОБ), побара помош преку неговиот профил на Фејсбук бидејќи три месеци нема добиено хонорар, и нема елементарни услови за живот.
„Драги пријатели, мене навистина ми треба вашата помош, ве молам за совет. Немам пари, и затоа не можам да си купам вода, храна, тоалетна хартија, сапун. Имам и фрактура како и истегнат лигамент на зглобот и морам итно да одам на терапија. Но не можам да одам бидејќи немам пари. На мојот договор стои дека хонорарот ќе го добивам секој 15-ти во месецот и затоа и дојдов тука да работам. Дали е ова нормално во Македонија? Јас сум навистина разочаран. Ми рекоа дека проблемот е во Министерството, но мислам дека тие не знаат колку ми е сериозна ситуацијата. Немам пари ниту да си ја платам киријата. Мислам дека ќе го изгубам паметот“, е дел од статусот на Тирашита, кој во 2016 година е ангажиран за потребите на балетот „Клеопатра“.
В.д директорот на МОБ Ќазим Асотиќ ни рече дека Тирашита нема добиено хонорар бидејќи е ангажиран преку посебни договори кои ги склучува Министерството за култура со странски државјани. Асотиќ вели дека колку што е запознаен, со оглед на тоа дека е на оваа функција речиси два месеци, гостите кои се ангажираат од странство, со хонорарот кој го добиваат треба да го покријат престојот и здравственото осигурување.
„Кога се случила повредата, уште пред да дојдам јас на оваа функција, Балетот на чело со уметничката директорка Олга Панго се ангажирале, повикале лекарска помош и презеле сè што е потребно околу заздравувањето. Мене како човек лично ме повредува неговата ситуација, но јас законски немам можност како на рака да му дадам пари, бидејќи подоцна танчарот повторно ќе биде без пари“, ни изјави Асотиќ.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денес рече дека МОБ се наоѓа во тешка ситуација, но ќе најдат решение за итно исплаќање на парите.
„Има најмалку деветмина надворешни членови во МОБ, на кои поради тешката состојба во која се наоѓа институцијата, не им се исплатени нивните примања за подолг период. Веќе имав разговор со директорот Ќазим Асотиќ и во рамките на нашите можности ќе пристапиме кон итно исплаќање и надминување на овој проблем“, кажа Алаѓозовски.
Тирашита напиша дека од Јапонската амбасада во Скопје му понудиле адвокатска помош, но дека прво треба да го регулира здравственото осигурување.
Во текот на денов, на неговиот профил неколку граѓани и здравствени установи му понудија помош околу храна, хигиенски средства и здравствена услуга.
Б. НЕСТОРОСКА