АКО ДО 15 МАЈ НЕ СЕ ЕКСТРАДИРААТ ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ, ЌЕ ИМ СЕ СУДИ ИЗДВОЕНО ОД МИЈАЛКОВ И ЈАНКУЛОСКА ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    АКО ДО 15 МАЈ НЕ СЕ ЕКСТРАДИРААТ ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ, ЌЕ ИМ СЕ СУДИ ИЗДВОЕНО ОД МИЈАЛКОВ И ЈАНКУЛОСКА ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕПоранешата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и бившиот директор на УБК Сашо Мијалков утринава пристигнуваат во Основниот суд Скопје 1 за судењето за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“. (Фото: М. Златевска)

    Доколку до 15 мај обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски во предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување не бидат екстрадирани од Грција, Основниот суд Скопје 1 ќе одлучува за раздвојување на постапката по однос на овие двајца обвинети. Судското рочиште денеска беше одложено за 15 мај бидејќи обвинетите Грујевски, ексначалник на Петтата управа во МВР, и Бошкоски, вработен во УБК, сè уште не се екстрадирани.

    Судијката Џенета Бектовиќ го праша адвокатот Петар Василев, кој е дел од одбраната на обвинетите, дали има информации до каде е судската постапката во Грција и дали може да каже кога ќе бидат екстрадирани.

    „Не би сакал да шпекулирам со датуми. Но очекувам дека во брзо време ќе биде завршена постапката. На 26 април е закажано рочиште во Врховниот суд на Грција по однос на нашата жалба за екстрадиција“, рече Василев.

    Судијката Бектовиќ му кажа на Василев во рок од 15 дена да обезбеди полномошно дека ги застапува обвинетите Грујевски и Бошкоски, во спротивно судот ќе им одреди адвокат по службена должност. На рочиштето денеска беа присутни другите обвинетите: ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

    По бегството од Македонија, Грујевски и Бошкоски беа фатени со фалсификувани бугарски пасоши на аеродромот во Солун на 18 октомври при обид да заминат за Унгарија. Апелацискиот суд во Солун го прифати барањето на македонските власти за нивна екстрадиција, по што двајцата поднесоа жалба до Врховниот суд во Атина.

    На 22 ноември, Специјалното јавно обвинителство соопшти дека ја доби првата правосилна пресуда од сите случаи што ги поведе откако е основано, а таа беше токму за предметот „Тврдина-Таргет“.

    Условна осуда доби обвинет од овој предмет, кој признал вина помагање во кривичното дело. Судската постапка за ова лице е завршена тајно поради заштита на неговата безбедност, бидејќи ова лице, освен што ја признало вината, дало придонес и во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК, како што утврди странски експерт.

    Оваа постапка, водена издвоено, е почната и завршена без присуство на јавноста во Основниот суд Скопје 1. Се завршила брзо, со претходна спогодба на обвинетиот со СЈО за признавање на вината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира