НОВА КРИВИЧНА ЗА ТАЛЕСКИ И ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА, НАБАВУВАЛЕ МАСЛО ЗА ГРЕЕЊЕ БЕЗ АНЕКС ДОГОВОРИ И ОД ФИРМА БЕЗ ЛИЦЕНЦА

    НОВА КРИВИЧНА ЗА ТАЛЕСКИ И ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА, НАБАВУВАЛЕ МАСЛО ЗА ГРЕЕЊЕ БЕЗ АНЕКС ДОГОВОРИ И ОД ФИРМА БЕЗ ЛИЦЕНЦАЕксградоначалникот Владимир Талески и поранешниот раководител за финансии и член на Комисијата за јавни набавки, Слободан Бончановски, се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластувања и несовесно работење во службата. (архивска фотографија)

    Битолската полиција поднесе нови кривични пријави против ексградоначалникот на Битола Владимир Талески и негови соработници од претходната локална самоуправа, вработени во Општината.

    Ова е четврта кривична пријава против Талески и тој овој пат се сомничи за злоупотреба на службената положба. Поранешниот раководител за финансии и член на Комисијата за јавни набавки, Слободан Бончановски, правникот од Општината и член на комисијата за јавни набавки М.К. и советничката за образование и член на истата комисија С.П. се осомничени за несовесно работење во службата.

    Како што изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР, ексградоначалникот и другите осомничени во 2012 и 2016 година набавувале екстра лесно масло за греење без потпишани анекс договори со две фирми П.П. ДОО и Е.Б. ДООЕЛ, а едната од нив не поседувала и не доставила лиценца за трговија со нафтени деривати и гориво. Со ваквите дејствија пријавените им овозможиле на двете фирми да се стекнат со противправна имотна корист од 729.604 евра.

    „Ексградоначалникот по завршувањето на претходен договор со П.П.ДОО за јавна набавка за екстра лесно масло за греење во периодот од 25.10.2012 до 19.12.2012 година ги пречекорил своите службени овластувања и без да се потпиши анекс договор, дозволил да се изврши набавка на масло за греење од П. П ДОО и Е.Б. ДООЕЛ“, рече Стаматова.

    Исто така во 2016 година повикувајќи се на стар договор со П.П. ДОО, повторно без да потпише анекс договор, Талески дозволил да се изврши набавка од 9324 литри масло за греење.

    Останатите осомничени како членови на Комисијата за јавни набавки во Општината, на 17.12 2012 година несовесно постапиле при вршење на својата должност. Според СВР, тие иако биле свесни дека Е.Б. ДООЕЛ не доставил и не поседувал лиценца од Регулаторната комисија на РМ за трговија со нафтени деривати и други горива, изготвиле одлука за најповолен понудувач, врз основа на која Талески донел одлука и потпишал договор со Е.Б. ДООЕЛ и со тоа му овозможиле тој да се стекне со противправна имотна корист.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира