Валандовчани се задоволни што Владата го слушна нивниот глас и го раскина договорот за концесија за експлоатација на бакар од локалитетот Казандол. Повеќе од една година траеше нивната битка за стопирање на изградбата на рудникот кој се наоѓа на неполни 5 километри од градот, каде требаше да се експлоатира руда и да се произведува катоден бакар. Велат дека конечно победил граѓанскиот активизам, бидејќи ако молчеле, на валандовската котлина ќе ѝ пресуделе со тешка и загадувачка индустрија.
Роберт Марков од Спас За Валандово смета дека со одлуката се потврдиле нивните сомнежи оти целата постапка за изградба на Казандол е нетранспарентна.
„Задоволни сме што конечно се слушна гласот на граѓаните. Ние цврсто застанавме да ги одбраниме нашите домови од тешка и загадувачка индустрија, бидејќи како регион сме препознатливи по земјоделие. Владата го препозна тоа и по нашиот притисок конечно утврди дека е прекршен договорот. Ова е заслуга на сите граѓани оти се свесни за последиците што можевме да ги трпиме доколку овој комплекс проработеше. Ние сме пример како граѓаните треба да се изборат за своите права“, вели Марков.
Нико Попов смета дека оваа победа на валандовчани треба да ги обедини и здружи во престојните предизвици, оти во валандовско се издадени уште две концесии за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини кои може лесно да преминат во концесии за експлоатации. Станува збор за локалитетот Башибоз и Плавуш.
„Ова е порака до сите инвеститори, дека без дозвола на граѓаните не можат лесно да ги реализираат своите инвестиции во средини каде има отпор. Се надевам дека со оваа одлука на Владата ќе може силно да се спротивставиме и на останатите издадени концесии за рудни богатства во Југоистокот,препознатлив по зеленчук и овошје, но и туризам“, вели Попов.
Првиот човек на Општината Перо Костадинов истакна дека со донесената одлука од Владата се потврдува неговата интенција оти Валандово не треба да се развива со тешка индустрија.
„Владата потврди дека Општина Валандово еконмскиот потенцијал треба да го гледа во инвестициите во земјоделството и туризмот и ја поздравувам оваа одлука на Владата’’, рече Костадинов.
Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека концесионерот „Сардич МЦ“ не го исполнил условот од договорот во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесуира 50 отсто од експлоатираната руда, поради што Владата донела одлука за еднострано раскинување на договорот.
Денеска реагираше амбасадата на Украина од каде доаѓа инвеститорот концесионер „Сардич МЦ“, потсетувајќи го премиерот Заев дека Македонија и Украина имаат потпишано спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите во двете држави и спорот требало да се реши со пријателски преговори. Концесионерот ,,Сардич МЦ’’ најави тужба пред арбитражниот суд во Вашингтон и ќе бара отштета од 380 милиони евра.
В. ТРАЈКОВ