Битолскиот ексградоначалник Владимир Талески на денешното судење во Основниот суд во Битола по обвинението за негрижа за Офицерскиот дом рече дека апсолутно не се чувствува виновен. Во главната расправа, неговиот адвокат Драги Пажик рече дека лустерот од балската сала што во обвинението се прикажува како непроценливо богат, всушност е како и секој лустер, само поукрасен и погломазен, а такви денес има во слободна продажба.
Талески рече дека обвинението е тенденциозно, неосновано и апсурдно.
„Напротив, јас како градоначалник се потрудив да ги искористам сите законски можности за свесно работење и што поскоро санирање на Офицерскиот дом“, рече Талески.
Одбраната на Талески додаде дека ќе покажат оти во периодот за кој се сомничи ексградоначалникот 2016 година немало оштетување на ентериерот зашто состојбата била иста со онаа во 2010 година. Адвокатот Пажик рече дека од Домот заштитен е надворешниот дел, фасадата обликот, а лустерот никогаш не бил евидентиран како културно наследство.
- ДЕМОЛИРАН БАЛСКИОТ ЛУСТЕР ВО ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА
- СУДСКИ ПРОЦЕС ПРОТИВ ТАЛЕСКИ И ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ И ОШТЕТЕНИОТ ЛУСТЕР ВО БИТОЛА
Обвинителката Оливера Нечаковска истакна дека Талески иако бил свесен за обврската да се грижи за заштита на сопственоста на општината, не обезбедил соодветни мерки за заштита на Офицерскиот дом, кој од 1977 година е заштитен како споменична целина.
Сведокот Зоран Алтипармаков, поранешен директор на Завод и музеј, институција која се занимава со заштита на спомениците, рече дека во минатото бил заштитен објектот, а може да се дефинира и се што е во негов склоп. Со новиот елаборат се заштитува и ентериерот како што се лустерот и паркетот.
Тој уште рече дека остатоците од лустерот се во Заводот и можат да се состават, но тоа нема да биде како оригиналот.
Ексдиректорот на „Комуналец“ Зоран Соклески рече дека поранешниот секретар на Општината, Слободан Бончановски, писмено ги задолжил да го обезбедат Домот иако тоа не им е дејност, нити имаат кадар за тоа. Соклевски рече дека не може секретарот да им дава задолженија туку дека тоа го прави Советот во годишна програма, а во неа никој не им предложил таква обврска.
Следното рочиште е закажано за 28 мај.
Ж. ЗДРАВКОВСКА